ОБСЕ/ОДИХР - Изборите во Црна Гора мирни со процедурални неправилности

Мило Ѓукановиќ.

Мило Ѓукановиќ е новиот претседател на Црна Гора, откако освои 180.274 гласа или 53,9 проценти на вчерашните претседателски избори, соопшти денеска црногорската Државната изборна комисија.

Според Комисијата, на изборите гласале 340.462 гласачи, што претставува одѕив од 63,92 отсто.

Шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Тана де Зулуета изјави денеска дека претседателските избори во Црна Гора протекле мирно со „неколку процедурални неправилности“.

Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР го следеле гласањето на 500 избирачки места.

Јонас Гунарсон од Парламентарното собрание на Советот на Европа вели дека според нивните набљудувачи гласањето и пребројувањето на гласовите било добро спроведено.

„Информирани сме дека имало злоупотреба на државните ресурси и притисок да се гласа за кандидатот на власта. За жал, тоа постојано се повторува“, изјави Гунарсон, кој воедно изрази и жалење што Ѓукановиќ не се одѕва на дебата на Јавниот сервис пред изборниот молк.