Францускиот аналитичар Доминик Моиси, виш советник во Институтот Монтењ во Париз, оценува дека и покрај ризикот за ескалација на ситуацијата е неопходна некаква акција во Сирија.
Според него, сирискот режим ја минал црвената линија, односно употребил хемиско оружје и затоа треба да се реагира.
„Постои ризик, ризик од ескалација. Значи, ударот во Сирија не е добро решение, но ништо да не се прави по употребата на хемиско оружје, е уште полоша алтернатива“.
Тој оценува декарезултатите од тие удари на долг рок ќе бидат веројатно незначителни, бидејќи сега, како што вели, е премногу доцна со оглед на тоа што режимот на Башар Асад, поддржан од Русија и Иран, ја добива битката.
„Значи, симболично ќе тргнеме по многу конкретни цели без стратешки последици, но се надевам дека со дипломатски и со политички последици“.
Рауел Марк Герех, од Фондација за одбрана на демократиите е на слично мислење.
„Најмногу тоа би било уште едно предупредување до оската на Асад, до Москва, до Техеран да не се користи отровен гас, но веројатно тоа ќе биде зелено светло за нив да користат нешто што сакаат“.
Официјална Москва го предупреди Вашингтон дека евентуалните воени удари врз Сирија ќе претставуваат воена злосторство и оти тоа би можело да предизвика директен судир меѓу САД и Русија.
Францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот рече дека Франција ќе се залага за зачувување на „стабилноста“ во регионот, но нема да толерира „режими кои мислат дека сè им е дозволено“.
Во меѓувреме, британската влада и даде „зелено светло“ на премиерката Тереза Меј да и се приклучи на евентуалната воена акција на САД и Франција поради хемискиот напад во Сирија.
Британската влада соопшти дека е согласна со потребата за преземање мерки за намалување на хуманитарните проблеми и за спречување на натамошна употреба на хемиско оружје во Сирија.