Можен напад со хемиско оржје во Сирија

Инсерт од видео на кое активисти проверуваат деца за кои велат дека можно е да биле жртви на напад со хемиско оружје.

Десетици луѓе загинаа во напад, за кој се претпоставува дека е извршен со хемиско оружје, во Дума, последниот град под контрола на бунтовниците во областа Источна Гута во Сирија, обвинува опозицијата и другите активисти.

Опозициските спасувачки единици, познати како Бели шлемови и други организации велат дека отровниот гас бил исфрлен од хеликоптер над Дума во близина на Дамаск, доцна синоќа. Гасот предизвикал гушење на луѓето што биле изложени на него.

Нема независна потврда на овие информации, кои сириските државни медиуми и руската армија ги нарекоа фабрикувани. САД соопштија дека ако нападите се потврдат, Русија, која му ја дава клучната поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад, ќе ја има крајната одговорност. Има различни информации за бројот на загинати во нападот, кои се движат од 40 до 70 луѓе. Белите шлемови велат дека жртвите покажувале знаци на труење со гас, како што се ширење на зениците и пена на устата.