Врховен ќе одлучува за изземање на судии во "ТНТ"

Архивска фотографија. Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески на судење за ТНТ

Одбраната на обвинетите во предметот на СЈО „ТНТ“ на денешното рочиште побара изземање на судечкиот совет, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и в.д. претседателот на Апелацискиот суд Лидија Димчевска. По барањата одлучува Врховниот суд во рок од три дена.

Предметот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски, а на денешното рочиште требаше да бидат слушани 16 аудио разговори од т.н. „бомби“ во врска со уривањето на комплексот „Космос“.

На денешното рочиште присуствуваа сите обвинети: поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.