ЕУ ќе ја потврди европската перспектива на Западен Балкан на самитот во Софија

Премиерите на шесте балкански држави претенденти за ЕУ со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини во Брисел

ЕУ ја потврдува јасната подршка на европската перспектива на Западен Балкан, а европскиот пат ќе зависи од поставените критериуми и од одделните заслуги, се наведува во предлог текстот на завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, објави МИА, повикувајќи се на српската државна телевизија РТС, која објавила делови од предлог-текстот на завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Во текстот се наведува подготвеноста на ЕУ за „засилување на ангажманот на сите нивоа со цел политичка, економска и социјална трансформација на регионот, вклучувајќи и зголемена финансиска и техничка помош, во зависност од напредокот на партнерите од Балканот во владеењето на правото“.

За возврат, ЕУ очекува од своите партнери од Западен Балкан да „потврдат дека европската перспектива е нивни цврст стратешки избор на кој ќе работат засилено“, како и да „дадат приоритет на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите и малцинските права“, објави МИА.