Димитров: Направивме условен напредок, доаѓаме до тешките прашања

Архива: Министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров.

Разговаравме за сите отворени прашања, за целиот пакет, можам да кажам дека направивме условен напредок, бидејќи како одиме напред така доаѓаме и до тешките прашања, изјави во Виена министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров по денешната средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и медијаторот на ОН Метју Нимиц.

„Мислам дека и од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за Република Грција, што е тоа што е најважно за Република Македонија и дали можеме во компромисот кон кој што се движиме да ги покриеме двете работи, меѓутоа не зачудува што колку поотворено, поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат се повеќе на виделина“, изјави Димитров.