Три евра за Заев, Кемерово брои мртви, Лондон остро кон Путин...

МАКЕДОНИЈА - Струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев во своето сведочење пред Кривичниот суд за случајот Поткуп кажа дека обвинетиот, премиерот Зоран Заев му побарал три евра мито, односно по едно евро за него, за црквата и за партијата. според Сачевалиев, текстот во изјавата бил променет. Тој посочи и дека инструкциите за снимање на видеото му ја давале двајца претставници од МВР, а опремата била сокриена во неговото палто.

ГРЦИЈА / МАКЕДОНИЈА - Портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос изрази надеж дека што побргу ќе се најде заемно прифатливо решение за спорот за името. Тој говорејќи за радиото Сто Кокино посочи дека решението за прашањето треба да биде во рамката што ја опишува Атина.

РУСИЈА - Најмалку 56 лица загинаа во пожарот кој избувна во трговски центар во сибирскиот град Кемеровo. Бројката на жртви, според руските власти, се очекува да расте бидејќи спасувачките екипи се уште се обидуваат да стигнат до најгорните катови на шопинг центарот, но тоа им е отежнато бидејќи се урнал кровот на објектот.

СРБИЈА - Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека Косово нема шанси да стане членка на УНЕСКО. Според него, се поголем број земји размислуваат за повлекување на признавањето на независноста на Косово.

ПОЛСКА - Руските амбасадори во Полска, Естонија, Летонија и Литванија биле повикани на состанок во министерствата за надворешни работи на земјите, јавија руските медиуми без да ја посочат причината.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот секретар за одбрана Гавин Вилијамсон изјави дека многу земји стојат зад Британија во врска со труењето на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија и се спротивставуваат на напорите на Москва да го подели западот.

КАЗАХСТАН - Стотици луѓе се евакуирани во источен Казахстан откако топењето на снегот предизвика поплави во регионот.

САД - САД воведоа санкции за седум пакистански компании поради сомнение дека биле вклучени во нуклеарна трговија. Таквиот чекор може да ги наруши плановите на Пакистан за членство во Групата на нуклеарни добавувачи, која е група на земји кои може да тргуваат нуклеарни технологии.