Поранешниот претседател на Перу доби забрана за напуштање на земјата

Перуанскиот суд му забрани на поранешниот претседател на Перу, Педро Пабло Кучински да ја напушта земјата во следните 18 месеци, бидејќи во тој период се очекува да заврши истрагата против него во врска со сомнежите за примање поткуп. Кучински поднесе оставка во средата, еден ден пред закажаното гласање во Конгресот за процедура за негово отповикување. Против него се води истрага под сомнеж дека неговата консултантска фирма пред десетина години примила 782.000 долари од бразилскиот градежен гигант „Одерберхт“. Дел од тие средства биле уплатени во време кога Кучински беше перуански министер за економија и финансии, што ги поттикна сомнежите дека станува збор за корупција. Кучински отфрла каква и да било злоупотреба на власта од негова страна и нагласи дека е подготвен на целосна соработка со истражните органи.