Грчки медиуми: По средбите во Виена, Димитров најверојатно во Атина

Грчките телевизии „Скај“ и „Антена“ објавија дека шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во разговор со грчките новинари рекол оти по средбите во Виена можеби ќе ја посети Атина и изразил желба дека сака да се запознае со Панос Каменос.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, новинарите, кои заедно со грчката делегација пристигнале во Скопје, коментираат дека посетата на Коѕијас поминала во добра и пријателска клима и оти постои хемија меѓу двајцата министри и волја за решение, но дека разликите остануваат непроменети, а се однесуваат на Уставот и формулацијата на името. Новинарот на телевизијата „Скај“ во неговиот извештај од Скопје оценува дека и покрај позитивната клима на средбата на двајцата министри, сепак на прес-конференцијата се покажале несогласувањата на двете страни.Весникот „Та неа“ коментира дека ако некој сака да извлече заклучок од историската посета на Коѕијас во Скопје, „би рекол дека двете страни се доста далеку за да постигнат договор“. Грчката новинска агенција АНА-МПА, во текстот под наслов „Коѕијас: Направивме чекори напред“, пишува дека и од двете страни има волја за решение „што ќе ги отвори вратите на иднината“.

Грчките медиуми, во извештаите од Скопје ги пренесоа изјавите на двајцата шефови на дипломатиите, но коментираат дека дали и колку двете страни може да стигнат до договор и решение на проблемот, веројатно ќе се знае по средбата во Виена следниот петок.