Ахмети вели дека е погрешна адреса за прекинот на пописот

Архивска фотографија-претседателот на ДУИ Али Ахмети

Претседателот на ДУИ Али Ахмети денеска во врска со случајот „Попис“ кој го обелодени Специјалното јавно обвинителство, а во кој се осомничени тој и неговиот поранешен коалиционен партнер Никола Груевски рече дека одлуката за прекинување на пописот во 2011 година ја донело Собранието.

„Тоа е одлука на Собранието на Република Македонија, а јас сум погрешна адреса“ рече Ахмети.

СЈО неделава го објави предметот "Попис" во кој ги сомничи Ахмети и Груевски дека ја злоупотребиле својата службен положба и како претседатели на партии и коалициони партнери се согласиле да се прекине пописот на населението во 2011 година.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека тие ја искористиле својата положба и за да ги сокријат неповолните факти за демографската структура на населението и да сокријат дека немаат капацитет да го спроведат процесот, па го прекинале пописот, а како причини навеле технички проблеми и некадарност на пописната комисија и на Заводот за статистика. Со тоа, како што тврди СЈО, тие го оштетиле буџетот за 175.123.909 денари или околу три милиони евра.