Захариева: Договорот создаде позитивен импулс во различни сфери

Архива: Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, во последните осум месеци во односите меѓу Бугарија и Македонија се случија многу историски нешта, изјави денеска бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева која се сретна со претставници на парламентарната Група за соработка со Бугарија во Собранието на Македонија, предводена од заменикот претседател на собранието Фросина Ташевска Ременски, пренесува БТА.

„Храброста, која ја покажаа нашите премиери, како и пратениците од двете земји, кои го ратификуваа Договорот, веќе вроди со плод и доведе до многу позитивни резултати, рекла Захариева.

Таа истакна дека потпишувањето на Договорот создало позитивен импулс во различни сфери во билатералните односи, а како пример за тоа ги посочила податоците за раст од 11 проценти во трговската размена и 10 отсто раст на бугарските туристи кои што ја посетиле Македонија.

Шефицата на македонската делегација Ременски посочи дека Бугарија е искрен пријател на Македонија и дека Договорот што двете земји го потпишаа минатата година, е многу важен и за граѓаните на Македонија, од кои 75 проценти го оценуваат позитивно.