Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи денеска соопшти дека отвориле три нови истраги. Првата истрага е наречена „Попис“ и осомничени се претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети. Тие се осомничени дека во октомври 2011 искористувајќи ги своите овластувања како лидери на политички партии се договориле да го стопираат пописот на населението и да ги сокријат неповолните факти за демографската структура на населението. Со цел да ја избегнат одговорноста, според Фетаи, во јавноста било кажано дека пописот е стопиран поради технички причини..
Втората истрага на СЈО е наречена „Моќник“, во која осомничен е пратеник кој овозможил по ниски цени да биде распродаден државен имот на негови блиски луѓе. Во случајот се осомничени 13 лица, меѓу кои и таткото на пратеникот и градоначалникот на општина Македонски брод. Во 2011 година, како што наведе Фетаи, во заблуда бил донесен советот на општината да отуѓи и продаде задружен дом со што била нанесена штета од 50 илјади евра.
Третата истрага е за фирмата Актор, која беше избрана да го гради автопатот Демир Капија - Смоквица. Фирмата, како што посочи Фетаи, тендерот го добила со злоупотреба на постапката за јавна набавка, а се сомничи и за перење на пари. Осомничен во случајот е поранешниот премиер Никола Груевски, кој заедно со екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во 2012 година кога се оценувале понудите за тендери, наместо да биде избран понудувач од Италија, ги поттикнале службениците да ја да фаворизираат Актор од Грција.