Мило Ѓукановиќ кандидат за претседател на Црна Гора

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мило Ѓукановиќ во трка за претседател на Црна Гора

Демократската партија на социјалистите на Црна Гора го кандидира Мило Ѓукановиќ за претседател на земјата на изборите што ќе се одржат на 15 идниот месец.

Ѓукановиќ веднаш потоа изјави дека негова лична ореинтација било да не се кандидира, но оти ја прифатил номинацијата заради развојот на Црна Гора.

„Мојата лична ориентација беше поинаква, но кога се занимавате со оваа работа со која се занимавам над четвртина век тогаш имате партиски, лични и општествени обврски“.

Тој притоа додаде дека неговата партија оценила оти има потреба за ваков ангажман во наредните пет години.

Ѓукановиќ кој три пати се повлекуваше од државните функции, додаде дека очекува победа уште во првиот круг.

Нему ова ќе му биде втора трка за претседател.

Тој во 1997 година го победи Момир Булатовиќ по расколот во Демократската партија на социјалистите.

56 годишниот Ѓукановиќ долго време е централна фигура во црногорската политика.

Како сојузник на тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ тој во 1991 година, на 29 годишна возраст стана најмладиот премиер во Европа.

Од тогаш ги менуваше функциите, меѓу кои и шеф на државата.

Црна Гора стана 29 членка на НАТО во јуни минатата година, и покрај протестите на опозицијата и противењето на Русија.

Официјална Подгорица обвини дека со цел да се спречи нејзиниот влез во НАТО српски и руски националисти за време на парламентарните избори во 2016 година подготвиле заговор за окупирање на парламентот и атентат врз Ѓукановиќ кој тогаш беше премиер.

Кремљ ги отфрли ваквите обвинувања.

Четиринаесет лица се упасени и се води истрага против нив.

Инаку, за претстојните претседателски избори црногорската опозиција ќе има неколкумина кандидати.

Најголемиот дел го поддржува поранешниот пратеник Младен Бојаниќ, а Црна Гора за прв пат има и жена кандидат за претседател, Драгиња Вуксановиќ од Социјалдемократската партија.