Николовски: Македонија работи на наоѓање решение за увозот на брашното

Архива - министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски

Македонија преку Мешовитиот комитет работи на изнаоѓање трајно и систематско решение за увозот на српското брашно, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Претходно српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ изјави дека до 14 април мора да се најде трајно решение за извозот на брашното во Македонија.

Николовски изјави дека проблемот се провлекува повеќе години и за негово надминување се разговара долго време, пренесува МИА.

„И еден од заклучоците на Мешовитиот комитет е да се бара трајно и ситематско решение. Целта е конечно надминување на проблемот, за да не се повторува секоја година“, изјави Николовски.

Тој вели дека Комитетот кој првпат заседаваше завчера во Белград, во рок од 30 дена треба да излезе со предлози за трајни и систематски решенија, не само за брашното, туку и за сите останати нецарински бариери кои би ја унапредиле трговската размена.