Истрага за убиство на руски бизнисмен во Лондон

Рускиот бизнисмен Николај Глушков

Британската полиција отвори истрага за убиство за смртта на рускиот бизнисмен Николај Глушков, откако обдукцијата покажа дека причина за смртта е притисок врз вратот. Глушков беше близок соработник на рускиот олигарх и критичар на Кремљ, Борис Березовски, кој почина под неразјаснети околности во 2013 година.

Телото на Глушков беше пронајдено во неговиот дом во Лондон на 12 март, една недела по труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија со нервен гас во англискиот град Салисбери.

Полицијата денеска соопшти дека нема ништо што посочува врска меѓу обидот за убиство на Скрипал и смртта на Глушков, ниту дека Глушков бил отруен.