Столтенберг – Русија да соработува, не сакаме нова Студена војна

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ја повика Русија да „соработува“ во случајот со труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија и наведе дека НАТО „не сака нова Студена војна“.

Западните сојузници ја обвинија Москва за труењето на Скрипал. Според британската премиерка Тереза Меј, нападот е извршен со нервниот агенс новичок, развиен во поранешниот Советски Сојуз.

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон претходно рече дека е многу веројатно оти рускиот претседател Владимир Путин ја донел одлуката да се употреби нервен гас во нападот врз поранешниот шпион.

Кремљ реагира дека која било сугестија оти Путин е вмешан во нападот е шокантна и е непростливо кршење на дипломатските правила и пристојно однесување.