Британија ќе протера 23 руски дипломати

Британскиот премиер Тереза Меј во обраќањето до законодавците

Британија ќе протера 23 руски дипломати како дел од пакетот мерки против Москва која го игнорираше дадениот рок за да објасни како нервен гас развиен за време на Студената војна бил искористен за труење на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во земјата. Британскиот премиер Тереза Меј пред законодавците изјави дека дипломатите имаат една недела да ја напуштат земјата, посочувајќи дека се идентификувани како „непријавени разузнавачи“.

Таа изјави дека протерувањето на руските дипломати од Британија кое е најголемото во последните 30 години ќе ги намали руските разузнавачки способности во Британија во периодот што доаѓа.

Меј истакна дека ќе бидат суспендирани и сите планирани билатерални контакти на високо ниво со Русија, повлекувајќи ја поканата за посета на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, а британски министри и членови на кралското семејство нема да присуствуваат на светското фудбалско првенство во Русија, кое ќе се одржи ова лето.

Таа додаде и дека ќе биде замрзнат рускиот имот за кој има докази дека можеби бил користен за закана по животот или имотот на британските државјани и жители на земјата.