Оддадена почит на депортираните македонски Евреи

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Борисов изрази жалење за македонските Евреи

Со Марш на живите и со говори и положување цвеќе во зградата на Монополот во Скопје денеска се одбележаа 75 години од холокаустот. Бугарскиот премиер Бојко Борисов е прв политичар од таа земја кој дојде во Македонија на одбележувањето на депортацијата во Треблинка.

Бугарски политичар првпат по 75 години дојде во Монополот во Скопје. Од таму во 1943 година Евреите од повеќе градови во Македонија, беа однесени во логорот Треблинка во Полска. Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска зборуваше за луѓе во црни униформи и нацисти кои во истата зграда направиле нечовечки нешта врз живи луѓе и оддаде почит на бугарскиот народ кој спасил 48.000 Евреи кои живееле во таа земја.

Се разбира ние многу жалиме, затоа и денеска сме тука, затоа што не треба да го заборавиме секој човечки живот кој што е пратен да изгори во логорите“, рече Борисов.

За време на Втората светска војна од Македонија биле депортирани 7114 Eвреи и биле одведени во логорот на смртта. Тогаш оваа територија била администрирана од бугарската власт која соработувала со фашистичка Германија. Борисов денеска на новинарско прашање дали ќе се извини повтори дека му се поклонува на бугарскиот народ за спасените Евреи, а другото го нарече пропаганда.

Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, присуството на Борисов, на премиерот на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и на заменикот премиер на Романија ги нарече историски, европски и цивилизациски чин.

„Никогаш да не заборавиме што се случи тука пред 75 години. Историјата се повторува само за оние кои стануваат слепи за минатото. Ние нема да бидеме слепи и ќе продолжиме да се сеќаваме, за никогаш да не се повтори“, рече Заев.

Во полниот двор на Тутунскиот комбинат беа и претставници на еврејските заедници од различни земји, министри, амбасадори, пратеници, градоначалници. Положија цвеќе во знак на сеќавање на жртвите на холокаустот.

„Без сеќавање нема иднина, простуваме, но не забораваме за да не се повтори никому и никаде повеќе“, рече Берта Романо - Николиќ, претседателката на Еврејската заедница во Македонија.

Во знак на сеќавање денеска се одржа и Марш на живите, па дел од присутните во Монополот, тргнаа од пред Старата железничка станица. Пред Црвениот крст им се придружија премиерите Заев и Звиздиќ, а пред зградата на Тутунскиот комбинат им се приклучи и Борисов.