Турција ја интензивира офанзивата врз Курдите во Сирија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Цивилите во сириски Африн бегаат од турската офанзива

Цивилите го напуштаат сирискиот град Африн барајќи безбедност поради продолжувањето на офанзивата на турските сили против курдската милиција во северозападна Сирија.

Турските сили стигнале до периферијата на Африн по еднонеделна кампања, објави Сириската опсерваторија за човекови права која ја следи ситуацијата во Сирија.

„Избегавме поради турските воздушни напади врз оваа област. Не можевме да останеме таму, па ги земавме нашите работи и си заминавме“.

„Вие не можете да останете под бомбардирање. Треба да бегате на безбедно место. Ние сме земјоделци“.

Анкара во јануари ја започна офанзивата на нејзината граница во регионот на Африн, со цел да ја истера сириската курдска милиција, која ја смета за продолжување на Курдската работничка партија која три децении се бореше за незвисност во Турција.

Во минатиот месец просириските владини милиции влегоа во регионот Африн за да ги поддржат курдските сили, но нивното распоредување не ја одврати Турција која ја продолжи својата кампања и покрај можноста таа да предизвика поширока ескалација на војната.

За сирискиот политички аналитичар Мазен Билал на Анкара и е неопходно да победи во Африн.

„Турската војска има за цел да ја заврши операцијата што е можно побрзо, бидејќи ако не успее да постигне победа во Африн, за турската влада, регионот ќе заврши само како жариште каде што нема добиено ништо. Затоа го засили темпото“.

Сепак, Билал вели дека е потешко отколку што се очекуваше, бидејќи курдските сили, Русија и сирискиот режим се вклучени во борбата за власт во Африн во моментот.

„Сето ова е тактичко брзање и е политичко, а не воено. Иако силите на сириската влада не можат да и се спротивстават на турската војска што напредува, тоа не значи дека операцијата Африн ќе биде лесна, бидејќи ќе има огромни хуманитарни и политички загуби“.

Африн е одвоен од многу големата област што ја држат сириските курдски сили на исток долж границата со Турција, вклучувајќи ги и големите делови од земјата освоени од Исламската држава со поддршка од Соединетите држави.