Поднесена кривична пријава за советникот на Спасовски, оддал службена тајна

Архивска фотографија- Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Државниот советник за полициски и криминалистички работи во кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пријавениот Д.С. оддал службена тајна, информираше денеска Министерството за внатрешни работи. Министерот Оливер Спасовски на прес конференција рече дека МВР до Основното јавно обвинителство поднело кривична пријава против Д.С., поради сомнение за сторено кривично дело предвидено и казниво по член 353 од КЗ "Злоупотреба на службена положба и овластување". Спасовски рече дека очекува многу скоро во законски утврдена постапка сомнежот да биде потврден или отфрлен.

“Оддавање на службена тајна, загрозување и наштетување на кривична истрага се казниви дела. Граѓаните ни ја дадоа довербата да се бориме против криминалот и за какви било потврдeни незаконски активности ќе има нула толеранција. Тоа треба да му биде јасно на секого. Министерството за внатрешни работи нема да толерира загрозување на истраги и постапки. Ова е пораката за секој кој има намера да соработува или да учествува во криминал, без оглед на позицијата која ја има во општеството и институциите” рече Спасовски.

Во соопштението испратено од МВР се наведува дека пријавениот Д.С. во текот на месец февруари 2018 година, во својство на службено лице, носител на безбедносен сертификат “државна тајна”, со намера да спречи обезбедување докази за водење на кривична постапка преку посебни истражни мерки над за него познато лице му пренел службена тајна.

“На ден 26.02.2018 година во просторија на здравствена установа во Скопје, на средба со лицето над кое се применувале посебните истражни мерки, на директен начин на лицето и ја пренел службената тајна потенцирајќи и дека над нејзе е во тек примена на посебна истражна мерка што е причината за нивната средба и тоа посебна истражна мерка со која и се следат сите нејзини телефонски броеви и дека над истата се применува мерка следење, предупредувајќи ја да престане да го прави тоа што го прави и да биде внимателна, поради тоа што може во текот на наредните денови да биде применета и друга мерка со користење на прикриен агент (андер кавер агент)” се наведува во соопштението.

Во него пишува и дека тој бил свесен за оддавањето на службената тајна и побарал од лицето да не споменува дека од него е добиен податокот за спроведувањето на посебните истражни мерки со што нанел штетана постапката, тврдат од МВР.