Борисов в понеделник во Скопје на одбележување на холокаустот на македонските Евреи

Архивска фотографија- премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов

Бугарскиот премиер Бојко Борисов в понеделник во Скопје заедно со македонскиот премиер Зоран Заев ќе ја одбележат 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи. Како што информираат од Владата двајцата политичари и претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ ќе се обратат по положување на свежо цвеќе на споменикот на 7144 македонски Евреи.

Дента во Скопје ќе се одржи симболичен „марш на живите“, кој ќе почне утрината од Музеј на Град Скопје и ќе заврши во Империал Тобако ТКС (бивш Монопол), од каде што биле депортирани македонските Евреи. По маршот делегациите ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија, каде ќе се одржи комеморативна седница.

Инаку одбележувањето на холокаустот почнува утре со повеќе настани во Скопје, Битола и Штип, а на нив ќе учествуваат градоначалници, министри и дипломати.

Меѓудругото утре вечер во Македонската филхармонија ќе се одржи комеморативна вечер со концерт од отворен тип.На настанот ќе се обратат Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, заменик министерот за одбрана на Државата ИзраелЕли Бен Дахан, претставникот на Американски еврејски комитет и претставник на ОБСЕ претседавачот за борба против антисемитизам, рабин Ендру Бејкер и претседателката на Еврејската заедница во Македонија Романо Николиќ.

Настаните се во организација Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а под покровителство на Претседателот на Владата на Зоран Заев.

За време на Втората светска војна од Македонија биле депортирани 7114 Eвреи и биле одведени во логорот на смртта Треблинка во окупирана Полска. Собирањето на Евреите од повеќе градови низ Македонија започнало ноќта помеѓу 10. и 11. март 1943, по што биле донесени во Скопје во зградата на Монополот. Транспортот на Евреите од Македонија започнал на 22. март 1943 година, а до 29. март истата година биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил.