Ципрас бара нови владини партнери

Архивска фотографија-премиерот на Грција Алексис Ципрас

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прифаќа идејата на лидерот на партијата Река за формирање Совет за национална безбедност и во понеделник ќе се сретне со Ставрос Теодоракис, кој уште во декември 2016 го достави предлог законот за советот.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, овој потег на Ципрас, медиумите во Грција различно го толкуваат. Според информативниот портал „Iefimerida“, грчкиот премиер е во потрага по нови сојузници за националните прашања, по јазот што веќе е очигледен со коалициониот партнер Независни Грци, особено во однос на спорот со името и различната позиција на Панос Каменос. Повикувајќи се на добро информирани извори порталот пишува дека по несогласувањата со Каменос, Ципрас знаел дека единствен лидер на политичка партија што поддржува решение за спорот со името, со позиции слични на владините е токму Ставрос Теодоракис од Река.

Грчката телевизија „Стар“, состанокот, исто така, го поврзува со националните прашања и јазот меѓу Ципрас и Каменос, но во однос на уапсените грчки војници во Турција, откако по грешка, поради лошите услови, минатиот петок нелегално влегоа на турска територија кај Еврос.

Весникот „То вима“, пак, коментира дека Ципрас го поддржа предлогот на Теодоракис, а не на Мицотакис, кој говорејќи во грчкиот Парламент на седницата одржана завчера, исто така, побара формирање на Совет за национална безбедност.