Камиони со помош влегоа во сириската бунтовничка енклава источна Гута за првпат од средината на февруари. "На илјадници лица кои имаат потреба од помош , денешниот конвој со 46 камиони ќе им донесе одредено олеснување", објави Црвениот крст на Твитер.
"Помошта вклучува пакети за храна за 27.500 луѓе, торби за брашно и медицински материјали". Меѓутоа, хуманитарната канцеларија на ОН соопшти дека сириската влада не дозволила да се натоварат 70 отсто од здравствените резерви и дека нема да дозволат да бидат заменети со други предмети.
Во насилството во Гута, каде што околу 393.000 луѓе се заробени, загинаа повеќе од 600 цивили, откако владините сили и нивните сојузници ја интензивираа офанзивата во предградието на Дамаск од 18-ти февруари. Според активисти, денеска во бомбардирањето на опколената енклава загинале најмалку 45 цивили.
Во коментарите што беа емитувани вчера сирискиот претседател Башар ал-Асад рече дека неговите сили ќе продолжат со својата офанзива во Гута, и покрај континуираните меѓународни повици за нејзино завршување. Во меѓувреме, Белата куќа ја обвини Москва, која е главниот сојузник на Асад, за "брутално" соучество во цивилните жртви во регионот, велејќи дека руските авиони имале бомбашки мисии насочени кон енклавата, спротивно на прекинот на огнот на Обединетите нации.