Заев и Мицкоски разговарале за враќање на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието

Преговорите за името со Грција, Законот за јазиците и враќањето на опозицијата во Собранието, биле главните теми за кои вечерва во Владата повеќе од два часа разговараа премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

По средбата што се одржа на покана на Заев, Мицкоски во изјава за медиумите рече дека сè уште не се создадени услови за враќање на пратениците од неговата партија во Собранието. Очекува да се вклучат во работата на законодавниот дом само како комплетна пратеничка група, и како што наведе тоа би можело да се случи за една до две недели. Тоа значи дека чекаат прво да бидат ослободени од притвор нивните пратеници.

Заев, пак, рече дека нема намера да влијае врз правосудните органи за приведените пратеници за насилствата од 27 април.

Во однос на името, Мицкоски рече дека остануваат на познатите позиции дека нема да поддржат промена на Уставот, со цел промена на уставното име, а за идентитетските прашања како што се јазикот и нацијата не треба да се разговара.

За Законот за употреба на јазиците, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го повторил ставот на партијата дека тој е неуставен и неприменлив, и оти мора да се испочитуваат Деловникот и законите.

Заев рече дека за името и за законот за јазици секој останал на своите ставови.