САД се сомневаат во врска со новото руско нуклеарно оружје

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

САД скептични за тврдењата на Путин за „непобедливо“ нуклеарно оружје

Официјален Вашингтон ја обвини Русија за развивање дестабилизирачко нуклеарно оружје, спротивно на обврските од договорот. До ова доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин одржа говор на кој претстави нов спектар на нуклеарно оружје.

Портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт, рече дека говорот на Путин покажа оти Русија ги прекршила своите обврски од договорот за нуклеарни сили на среден дострел.

Таа, исто така, го критикуваше анимираното видео прикажано за време на неговиот говор, наведувајќи дека се чини оти прикажува напад врз САД.

„Беше несреќно што ја гледав видео анимацијата која прикажува нуклеарен напад врз САД. Сигурно тоа е нешто што ние сигурно не уживавме да го гледаме. Ние тоа не го сметаме како однесување на одговорен меѓународен актер“.

Претседателот Владимир Путин во годишното обраќање до нацијата претстави низа нови нуклеарни оружја, во еден од неговите највоинствени говори во изминативе години, велејќи дека тие би можеле да погодат речиси било која точка во светот и да го избегнат американскиот ракетен штит.

„Овој нов систем практично нема никакви ограничувања во далечина. Како што можете да видите од видеото, тој е способен да ги напаѓа целите и преку Северниот и Јужниот Пол. Сарамат е опасно оружје. Поради неговите карактеристики ниту еден систем, ниту, пак, потенцијални системи за противракетна одбрана, не се никаква пречка.“

Путин додаде дека тоа не е „блеф“ и оти нуклеарен напад врз кој било од сојузниците на Москва ќе се смета за напад врз самата Русија и веднаш ќе реагира.

Неговите забелешки беа пречекани со скептицизам во Вашингтон, каде што официјални претставници изразија сомнеж дали Русија додала нови можности во својот нуклеарен арсенал надвор од оние кои веќе им се познати на американските воени и разузнавачки агенции. Портпаролот на Белата куќа Сара Сандерс изјави:

„Претседателот Путин го потврди она што владата на Соединетите Американски Држави ги знаеше цело време, а што Русија го негираше. Русија развива дестабилизирачки системи за оружје повеќе од една деценија што е директно прекршување на обврските од договорот“.

Официјален Вешингтон неколку пати повтори дека американските системи за ракетна одбрана не се распоредени во Европа поради Москва, туку за одбрана од Иран и Северна Кореја.