Протести во Скопје за одбрана на името

Протест во Скопје за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата.

Неколку илјади граѓани протестираат во Скопје, за, како што велат, одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата. Протестот започна пред Мисијата на Европската унија, а потоа граѓаните се упатија кон Собранието на Македонија. Демонстрантите извикуваат „Македонија, Македонија“ и пеат партиотски песни. Тие што протестираат бараат да се стави крај на разговорите за името, повлекување на Законот за употреба на јазиците, повлекување на Договорот со Бугарија, ослободување на притворените и осудените за насилствата во Собранието на 27 април. Барањата, како што велат, ќе бидат доставени до Претседателот, Собранието и Владата и до сите странски амбасади во Македонија.

Тие што протестираат велат дека доколку Владата не ги прифати барањата, бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори. За протестот стојат неколку здруженија.

Со протестот се одбележува годишнината од движењето „За заедничка Македонија“. Движењето минатата година протестираше неколку месеци речиси секојдневно, тогаш против таканаречената тиранска платформа. Дел од водачите и приврзаниците на движењето учествуваа и во насилствата во Собранието на 27 април, минатата година. Организаторите на протестите подоцна беа уапсени и осомничени заедно со други луѓе за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Организаторите на „За заедничка Македонија“ првин беа во притвор, а потоа мерката им е заменета со домашен притвор.