Средба на Заев и Палмер во Лондон

Лондон-премиерот Зоран Заев на средба со претставникот на Стејт Департментот Метју Палмер,26.02.2018

Премиерот Зоран Заев за време на дводневната работна посета на Велика Британија, се сретна со вршителот на должност заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот на САД, Метју Палмер, информираат од владината прес служба.

Од таму наведуваат дека премиерот Заев на средбата истакнал дека САД се стратегиски партнер на Македонија и дека асистенцијата на американската администрација во спроведувањето на домашните реформи е од исклучително значење. Тој нагласил и дека цели на Македонија се членство во ЕУ и НАТО и оти нема друга алтернатива.

Палмер, пак, како што се наведува во владиното соопштение, ги поздравил напорите на новата влада за демократски реформи и го поддржал процесот на ЕУ и НАТО интеграции најавувајќи дека продолжува поддршката од САД.

„Владата заслужува честитки и за надминување на отворените прашања со соседите. Членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО ќе биде добро за целиот регион, како и од огромна корист за сите граѓани на РМ“ рекол Палмер, а пренесуваат од Владата.