Кривична пријава во врска со случајот на девојчето од Домот „25 Мај“

Илустрација: Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Министерство за труд и социјална политика соопшти дека во врска со случајот на 13-годишното девојче од Домот „25 Мај“ до Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава против 11 одговорни и стручни лица од Центарот за социјална работа - Скопје за кривично дело „несовесно работење во служба“ и „запуштање на малолетно лице.“

Оттаму посочуваат од МТСП дека пријавата ќе биде покрената против сите лица кои биле задолжени да постапуваат и преземаат службени дејствија по предметот на малолетната Р.И. во периодот од 2012 - 2017 година.

Во соопштението е наведено дека исто така од страна на инспекторите се поднесени 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица, согласно со Законот за работни односи, а поведени се и 13 постапки за сторени прекршоци од страна на стручните лица во постапувањето во овој случај, согласно со Законот за социјална заштита.