Во Брисел средба Ципрас- Меркел, на дневен ред и името

Архивска фотографија- средба на Меркел и Ципрас

Прашањето за името на Македонија ќе биде на дневниот ред на средбата на грчкиот премиер Алексис Ципрас со германската канцеларка Ангела Меркел што ќе се одржи денеска во Брисел во рамките на неформалниот состанок на 27-те земји членки на ЕУ, ја пренесува МИА информацијата на грчкиот весник „Зунгла“.

Прашањето за името било една од темите и на телефонскиот разговор Ципрас - Меркел, што се случи еден ден пред посетата на премиерот Заев на Берлин и средбата со германската канцеларка, потвдија од кабинетот на Ципрас.

Грчката телевизија Скај, повикувајќи се на свои извори, објави дека „Ципрас на Меркел и ја потенцирал потребата за конечно решение во спорот, со промена на уставното име на соседната земја“. Според истите извори, грчкиот премиер и германската канцеларка се договориле да се сретнат денеска во Брисел на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.