Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари смета дека одземањето на надлежностите да именува и разрешува директори на општинските основни и средни училишта е политичка пресметка во корист на политичката партија ДУИ.
„Денеска Заев ги одзеде ингеренциите на општина Гостивар и им ги даде на ДУИ. Истото се случи и во 2010 година, меѓутоа тогаш Груевски го направи истото. Каде е резликата меѓу 2010 наспроти 2018 година? Според ова можам да кажам дека се спроведува праксата: кој не мисли како нас треба да се уништи. Едноставно секоја чест, нависитна ова е „општество за сите”, изјави Таравари.
Надлежностите на градоначалникот на општина Гостивар во делот на образованието му беа одземени вчера попладнето во делот што се однесува на именување и разрешување на директори на општински основни и средни училишта.
Министерката за образование и наука Рената Дескоска денеска рече дека причина за тоа е фактот што долго време не можело да се воспостави законитост во работењето во делот на образовнаието.