Во Сирија интензивни напади на владините сили

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Стотина убиени во нападите врз Гута во Сирија

Во нападите на силите на сириската влада и нејзините сојузници во источниот дел на Гута кој е под контрола на бунтовниците загинаа стотина луѓе. Обединетите нации апелираат на прекин на нападите.

Во најновите напади на силите на сириската влада врз делови на Гута кои се под контрола на бунтовниците биле убиени стотина луѓе меѓу кои и 20 деца, соопшти Опсерваторијата за човекови права со седиште во Британија.

Сириската опсерваторија додава дека во овие напади биле ранети и неколку стотици луѓе.

Видеа поставени на социјалните медиуми од Сириската цивилна одбрана, познати како „Бели шлемови“, покажуваат како спасувачите трчаат со носилки по воздушен напад извршен од сириските војници.

Билансот на жртвите расте, додека артилериските и воздушните напади и зацврстувањето на позициите на владините сили, според посматрачите, навестуваат и скорашен копнен напад врз таа енклава околу сирискиот главен град Дамаск која од 2013 година е во рацете на бунтовниците.

Сирискиот режим сака да ја преземе Гута за да ги спречи повремените ракетни напади на бунтовниците врз Дамаск.

Обединетите нации побараа веднаш да бидат прекинати нападите врз Гута каде што имало над 400 илјади луѓе.

Специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија Стафан де Мистура деновиве во Советот за безбедност изјави:

„Јас сум сега веќе четири години како специјален пратеник. Ова е толку насилен и загрижувачки и опасен момент каков што немам видено за време на мојот мандат досега“.

Притоа тој го повтори апелот на Генералниот секретар до сите засегнати страни во Сирија и во регионот за итна и безусловна деескалација на насилствата.

Во почетокот на месецов сириската војска покрена петдневна воздушна кампања без преседан врз Гута при што загинаа 250 цивили.

Поголемиот дел од источна Гута ја контролираат две бунтовнички групи, но таму имало и џихадисти на групата Ал Шам Хајат Тахрир.

Опозициската коалиција ја обвинува Русија која е сојзник на сирискиот режим дека со своето дејствување го „погребува политичкиот процес“ за решавање на судирот кој од 15 март 2011 година однесе над 340 илјади животи, а неколку милиони луѓе присили да ги напуштат домовите.

По првобитните борби меѓу бунтовниците и владините сили, војната во Сирија стана многу сложена со вклучувањето на џихадистичките групи и на регионалните и светските сили.