Кремљ негира вмешаност во американските претседателски избори

Неколку дена откако одделот за правда на САД официјално обвини 13 Руси и неколку компании за мешање на претседателските избори во 2016 година, портпаролот на претседателот Владимир Путин, Дмитриј Песков повторно го потврди тврдењето дека руската држава не се мешала. Денешните изјави на Песков следуваат по обвиненијата објавени од страна на канцеларијата на специјалниот советник на САД, Роберт Милер.

Обвинението тврди дека еден богат бизнисмен со блиски врски со Путин создал лажни профили на социјалните медиуми кои се појавиле како базирани во САД и ги користеле за ширење на различни пораки . Повторувајќи ги наодите објавени од страна на американските разузнавачки агенции во јануари 2017 година, Одделот за правда соопшти дека целите вклучуваат поткопување на вербата во демократијата на САД, омаловажување на кандидатот Хилари Клинтон и помагање на нејзиниот ривал, Доналд Трамп, кој победи на изборите.

Во изјавата за новинарите, Песков рече дека "обвинението се фокусира на руските граѓани, додека во соопштенијата од Вашингтон постојат обвинувањата за вклучување на руската држава, Кремљ и на руската влада".

"Нема индикации дека руската држава би можела да се вклучи во ова. Нема ниту еден показател и не може да има", изјави Песков.