Компанијата со седиште во Базел е во центарот на истрагата за мито во која грчките обвинители во почетокот на минатата година извршија рација во нејзините канцеларии во Атина.
Според некои наводи, во истрагата неколку лица сведочеле според програмата за заштита на сведоци.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во понеделникот побара од парламентот да го испита случајот.
„Ние ќе сториме се што е во наши раце за да ја откриеме вистината. И можете да бидете сигурни дека на крајот на денот, без оглед на заканите и заплашувањата, вистината ќе се открие, а потоа секое лице ќе го добие она што го заслужува“, рече тој.
Ципрас притоа додаде дека ќе биде искористена секоја можност за враќање на, како што рече, „и последното евро што беше украдено од грчкиот народ“.
Според грчкиот закон, единствено парламентот може да ја испитува улогата на министрите и пратениците во одреден случај, доколку реши да го преземе тоа.
Компанијата „Новартис“ соопшти декаиако била свесна за извештаите за истрагите од страна на Грција и од американските власти, не добила формални наводи од грчките власти, ниту, пак, била свесна за обвинението.
Во минатата недела грчките обвинители го упатија случајот до парламентот.
Тој сега треба да реши дали ќе ги истражува наводите оти конзервативни и социјалистички политичари се вклучени во примање мито од Новартис.
Најмалку 30 пратеници треба формално да побараат парламентарна комисија да го разгледа случајот.
Политичарите кои беа именувани во парламентот, меѓу нив и двајца поранешни премиери, меѓу кои и Андонис Самарас и осум екс министри, вклучувајќи го и гувернерот на Централната банка Јанис Стурнарас и еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос, остро ги негираа тврдењата, нарекувајќи ги измислица и „лов на вештерки“.
Според нив, левичарската влада на Ципрас сака да ги дискредитира, пред изборите закажани за идната година.
Компанијата „Новартис“ пак оцени дека публицитетот околу случајот најмногу се должи на „селективното протекување на делови од доверливи и прелиминарни истражни досиеја“.
Компанијата, исто така, смета дека имало „многу сензационални и неосновани тврдења во политизирана дебата“.
Сепак, „Новартис“ соопшти дека ќе преземе „брзо и решително дејство“ доколку истрагата за наводниот поткуп во Грција утврди дека нејзините менаџери биле вклучени во ова незаконско однесување.