Средбата меѓу Димитров и Коѕијас на 15 и 16 февруари, комплетирање на нацрт спогодбата од грчка страна и доставување во Скопје лично од шефот на грчката дипломатија и евентуална средба на Заев и Ципрас би можеле да бидат следните чекори во насока за постигнување на заемно прифатливо решение за името, пишуваат грчките медиуми, пренесува МИА.
ВО анализите на грчкиот печат се вели дека предлогот „Горна Македонија“ е името што преовладува како можно решение за кое наводно се согласуваат и Скопје и Атина, а до крајот на месецов би требало да се знае дали целиот процес и разговорите ќе донесат договор меѓу двете земји.
„Клучна седмица за скопското прашање“, „Договорено е името, се забрзуваат преговорите“, „Средба во Брисел за Горна Македонија“, се насловите во анализите во весниците „Документо“, „Неа селида“ и „Прото тема“, во однос на средбата Димитров – Коѕијас.
Од клучно значење според грчките медиуми е следната средба на шефовите на двете дипломатии. Местото засега официјално не е соопштено, но новинарите во Грција ги споменуваат Софија или Брисел како можна локација каде би се сретнале Димитров и Коѕијас.