Обвинителите остануваат на првичното обвинение за случајот „Монструм“

Архива: Обвинетите и адвокатите на обвинетите во случајот „Монструм“ на јавната седница во Врховниот суд. 30.05.2017

Во Кривичниот суд денеска почна повторното судење за случајот „Монструм“ против обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во Скопје на 12 април 2012 година. Судскиот процес, кој го води судијата Огнен Ставрев, почна со читање на обвинителниот акт.

Обвинителот Наум Пановски рече дека остануваат на првичниот обвинителен акт, со кој обвинетите се товарат за тероризам.

Во случајот „Монструм“ шест лица беа осудени на доживотен затвор под обвинение за тероризам, а денеска на обвинителната клупа се четворица обвинети додека првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство во Косово и по нив има меѓународна потерница.

На 24 ноември Врховниот суд ги уважи жалбите на одбраната за случајот „Монструм“. Првостепената и второстепената пресуда за предметот се укинати и се враќаат на повторно одлучување во Кривичниот суд.

Јавната обвинителка Лилјана Спасовска тогаш побара укинување на првостепената и второстепената пресуда и враќање на предметот на повторно одлучување поради неутврдена фактичка состојба, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката.