Курдските борци собориле турски хеликоптер во Сирија

Турска операција во Африн, Сирија.

Хеликоптер на турската армија е соборен од страна на сириските борци на Курдските народни единици за заштита, во близина на северниот сириски регион Африн, објави денеска претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган. Тој на средба со членови на неговата партија во Истанбул изјави дека Турција е во војна и вакви работи се случуваат.

„Изгубивме хеликоптер, но тие ќе ја платат цената за ова“, рече Ердоган.

Тој не спомна дали има жртви и не даде други информации за инцидентот.

Уривањето на хеликоптерот го потврди и портпаролот на Курдските единици, Мустафа Бали, во Африн.

Ова е првпат официјално да биде потврдено дека е соборен турски авион во Сирија, за време на граѓанската војна во земјата, која започна пред 7 години.

Турција минатиот месец започна воздушна и копнена офанзива против курдските борци во сирискиот регион Африн.