Нови израелски напади врз сириски и ирански цели во Сирија

Остатоци од урнатиот израелски авион во Сирија.

Израелската војска денеска соопшти дека извеле нови големи напади на 12 сириски и ирански цели во Сирија. Израелските власти соопштија дека нивните напади биле насочени кон сирискиот систем за против воздушна одбрана и иранските цели во Сирија.

Во соопштението на воените власти се додава дека за време на нападот, против-авионски проектили биле фрлени и кон Израел, по што се огласиле аларми во северен Израел.

Сириската државна новинска агенција САНА соопшти дека сириската воздушна одбрана реагирала на „нова израелска агресија“, а еден воен извор рече дека одбраната ги спречила нападите врз воени позиции на југот на земјата.

Претходно на 10 февруари, израелски борбен авион се урна за време на нападите врз „иранските цели“ во Сирија, откако бил нападнат од сириската воздушна одбрана, соопшти портпаролот на израелската армија. Пилотите од урнатиот авион се живи, иако едниот бил тешко повреден.

Израел почна со нападите откако пресретнаа иранско беспилотно летало кое навлегло во нивниот воздушен простор, а било лансирано од Сирија.