Стратегија на ЕК: Значителен напредок на Македонија

Архива: Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Македонија прави забележли напредок на евроинтеграцискиот пат и Европската комисија (ЕК) е подготвена да изработи препорака за отворање на преговори врз основа на исполнети критериуми, се вели во Стратегијата на ЕК за Западен Балкан која на заедничката прес-конференција денеска ја претставија високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Во извештајот се посочува дека сите земји од Западен Балкан имаат можност за напредок на својот евроинтеграциски пат, дека сите се оценуваат на фер и објектива основа, зависно од нивниот напредок и заслуги и во зависност од нивната брзина.

Ваквата перспектива целосно зависи од силната политичка волја, испораката на вистински и одржливи реформи, како и дефинитивни решенија на проблемите со соседите, се вели во Стратегијата.

Могерини посочи дека датумот 2025 година не е краен рок, туку цел и реална перспектива за затворање на целиот процес за сите кои имаат почнато и тие кои во блиска идина ќе ги почнат преговорите.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот Самуел Жбогар изјави дека Стратегијата на ЕУ за проширување со земјите од Западен Балкан нуди јасна европска перспектива за сите шест земји од регионот, но Брисел нема да дозволи прием на земји со отворени прашања.