Могерини: Грузија е ценет партнер на ЕУ

Шефицата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини

Претставниците на Европската унија и на Грузија, по состанокот во Брисел попладнево, објавија дека е постигнат напредок во спроведувањето на Договорот за асоцијација и ветија продлабочување на соработката.

Грузија е ценет партнер на Европската унија и ние веруваме дека заеднички интерес е да продолжиме да инвестираме во нашето пријателство, изјави шефицата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, во заедничкото обраќање со грузискиот премиер Гиорги Квирикашвили.

Могерини додаде дека и двете страни се согласиле околу потребата од „промовирање слободни и независни медиуми и почитување на владеењето на правото и независното судство во Грузија“.

Грузија долго време бараше поблиски врски со ЕУ и покрај постојаните напори на Москва да го зголеми своето влијание меѓу постсоветските држави, вклучувајќи ја и Грузија.