Уапсени функционери од Дагестан за финансиски измами

Архива: Дагестанскиот в.д. премиер Абдусамад Гамидов.

Неколку високи владини претставници од рускиот регион Дагестан во северен Кавказ се уапсени поради обвиненија за финансиска измама, објави Комитетот за истраги.

Комитетот наведува дека дагестанскиот в.д. премиер Абдусамад Гамидов и в.д. вицепремиерите Шамил Исајев и Рајудин Јусуфов денеска биле уапсени под сомневање за злоупотреба на федерални средства наменети за социјални програми.

Поранешниот министер за образование Шахабас Шахов и неколку други луѓе исто така се уапсени, се вели во соопштението во кое се додава дека биле претресувани и домовите на уапсените.

Истражителите во куќата на Гамидов пронашле златен пиштол марка „ТТ“, пиштоли „Берета“, пиштол „Мараков“, две пушки „АК-47“, се вели во соопштението во кое не се укажува на поврзаност на пронајденото оружје со финансиските измами.

Исто така се вели дека осомничените ќе бидат обвинети во блиска иднина и потоа ќе биде донесена одлуката за можни притвори.