Процесот на разговорите продолжува и понатаму под покровителство на ОН и на амбасадорот Метју Нимиц и на идните разговори за решавање на прашањето лидерските места на преговарачките тимови ги преземаат министрите за надворешни работи, било истакнато на денешната средба меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и медијаторот на ОН Метју Нимиц, соопшти владината прес-служба.
Во соопштението се вели дека Нимиц ги образложил своите идеи и размислувања за процесот на разговорите, а Заев ги претставил идеите и ставовите на македонската Влада, како и размислувањата кои произлегоа од координативниот состанок на државно-политичкиот врв на Македонија.
На средбата било нагласено дека во оваа фаза од разговорите е создаден позитивен момент и дека двете земји се посветени на понатамошно градење на доверба.
Премиерот Заев и медијаторот Нимиц се согласиле дека и понатаму треба да продолжи атмосферата на добра волја и на дијалог во процесот, на што повикуваат од НАТО и од ЕУ, и дека тоа е начинот да се стигне до компромис и до заемно прифатливо решение кое ќе го почитува националниот идентитет и дигнитет на двата народи.