Иванов: Разликите за името да се бараат согласно меѓународното право

Средба на медијаторот Метју Нимиц со претседателот Ѓорге Иванов во Скопје.

Надминувањето на разликите околу името мора да биде во согласност со меѓународното право и меѓународно преземените обврски, истакнал македонскиот претседател Ѓорге Иванов на денешната средба со медијаторот Метју Нимиц.

Иванов го поздравил интензивирањето на дијалогот потенцирајќи дека решението за разликата околу името може да биде само во рамки на ОН и со стриктно придржување во рамката во која се водат разговорите: Повелбата на ОН, резолуциите на Советот за безбедност и пресудата од Меѓународниот суд на правдата.

Иванов истакнал дека Република Македонија ќе продолжи и натаму конструктивно да учествува во процесот, со цел изнаоѓање на решение на наметнатиот спор од страна на Грција, кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да го наруши достоинството на македонските граѓани.