Запленети 300 килограми марихуана на граничниот премин „Богородица“

Илустративна фотографија.

Во акција на царинските служби на граничниот премин „Богородица“ запленети се 300 килограми марихуана со пазарна вредност од 800 илјади евра наменета за земјите во Западна Европа, информираше на прес-конференција директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски.

Тој посочи дека на 28 јануари осомничениот 36-годишен грчки државјанин управувал камион со грчки регистарски таблички, при влез пријавил за царинење дел од стоката натоварена во Атина и ориз од Камбоџа, а цариниците при претрес ја откриле марихуаната.

Осомничениот е лишен од слобода, а Царинската управа поднела кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори.