Мицкоски: Изостанува реализација на реформите

Архива: Координативен состанок на државно-политичкиот врв за предлозите за решавање на проблемот за името со Грција.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Брисел се сретна со еврокомесарот Јоханес Хан, со кого разговарале за евроинтеграциите на Република Македонија, за предвидените реформските процеси, но и за спорот за името со Грција.

Мицкоски рече дека го запознал Хан за содржината на средбата во Клубот на пратениците со останатите претставници и функционери и дека дознале за што станува збор во преговорите, откривајќи дека го виделе предлогот што Нимиц им го доставил на преговарачите.

Во однос на состојбата во Македонија, Мицкоски изјави дека „за жал“ реализирање на реформите во земјава изостанува, дека тие претставуваат „добро слово на хартија“, но имплементацијата не може да се почувствува.

„Злоупотребата на моќта од страна на Владата предводена од Социјал-демократскиот сојуз, лошите економски потези, лошите реформи во економијата, уназадувањето на економијата. Исто така гледаме дека ништо не се случува од аспект на реформите во судството“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека го понудиле целиот човечки и административен потенцијал на ВМРО-ДПМНЕ за што е можно поитна интеграција на Македонија во ЕУ.