Ден на жалост во Авганистан по големата експлозија

Кабул-безбедносни сили го испитуваат местото каде што се случи големиот напад, 27.01.2018

Авганистанската влада денешниот ден го прогласи за ден на жалост откако во експлозија на автомобил бомба вчера во главниот град Кабул загинаа повеќе од сто луѓе. По претседателска наредба знамињата на државните институции и дипломатските претставништва низ земјата се спуштени на половина копје, додека во тек е погребот на загинатите.

Во меѓувреме министерот за внатрешни работи Баис Бармак рече дека бројката на загинати се искачила на 103 лица, а повредени се 235 меѓу кои 30 полицајци. Забихула Муџахид, портпарол на Талибанците, претходно рече дека милитантната група стои зад нападот кој е еден од најголемите во последниве години во градот.

Напаѓачите користеа амбулантно возило за да ги поминат контролните пунктови и да стигнат до плоштадот Садарат каде што се сместени владини институции, дипломатски претставништва и продавници. Претседателот на САД Доналд Трамп во вчерашното соопштение повика на решителна акција на сите земји против Талибанците и терористичката инфраструктура која ги поддржува.