Посредникот на Обединетите нации во разговирите за Сирија Стафан де Мистура ќе учествува на "мировниот конгрес" кој се организира под покровителство на Русија во Сочи идната недела и покрај тоа што главната сириска опозициска група одби да присуствува. Во соопштението објавено од Обединетите нации денеска се наведува дека генералниот секретар на светската организација е убеден дека средбата во Сочи е важен придонес за оживување на внатрешниот процес на дијалог во Сирија што се одвива под покровителство на ОН во Женева.
Западните сили, некои арапски држави и Сириската комисија за преговори веруваат дека конференцијата што ќе се одржи на 29 и 30 јануари во Сочи е обид да се создаде посебен преговарачки процес кој ќе ги поткопа напорите на ОН и ќе донесе решение кое повеќе ќе му одговара на сирискиот претседател Башар ал-Асад и неговите сојузници Русија и Иран.
Портпаролот на Сириската комисија за преговори Јахиа ал-Ариди денеска рече дека сириската влада и нејзиниот сојузник Русија не ги обезбедиле потребните услови и дека разговорите во Сочи се обид за поткопување на напорите на ОН за постигнување мировен договор.