Ципрас на одделни средби со лидерите на партиите за името

Архивска фотографија-грчкиот премиер Алексис Ципрас

На одделни средби, со претседателите на сите политички партии со исклучок на Златна зора, грчкиот премиер Алексис Ципрас во текот на денот ќе разговара за прашањето со името, по средбата со македонскиот премиер, а во пресрет на посетата на Метју Нимиц.

Алексис Ципрас, според грчките медиуми, телефонски разговарал со лидерите на партиите и сите позитивно одговориле на неговото барање за средба. Првиот состанок, јавува дописникот на МИА од Атина, е закажан за 10:30 часот со претседателот на Нова демократија.

Сега е доцна за информирање, бил, според грчките медиуми, коментарот од опозициската партија, но сепак Кирјакос Мицотакис ќе се сретне со Ципрас и покрај тоа што за викендот има веќе планирана и закажана посета на Обединетите Арапски Емирати. Мицотакис, вчера, за прашањето за името и за позициите на неговата партија разговарал со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат.

Веднаш по разговорите со лидерот на Нова демократија, Ципрас, во премиерската палата ќе ја прими претседателката на Демократската коалиција, Фофи Генимата, која според информациите во грчките медиуми, побарала свикување на лидерска средба под покровителство на претседателот на државата, бидејќи премиерот не обезбедил консензус во внатрешноста на владата. За 13:30 часот е закажана средбата на Ципрас со генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција, а потоа и со лидерот на партијата Река. Грчкиот премиер ќе ги заврши средбите со Василис Левендис, претседателот на малата партија Сојуз на централисти.

Од средбите и разговорите на грчкиот премиер со лидерите на партиите, јавува дописникот на МИА од Атина, исклучен е лидерот на Златна зора, нешто што во изминатите години, особено откако започна судскиот процес против партијата, е вообичаена пракса.