МНР: Македонија продолжува да гради мерки на доверба со Грција

Архива: Министерство за надворешни работи во Скопје

Владата на Република Македонија продолжува искрено да ги гради мерките на доверба со Република Грција со цел достоинствено да се придонесе кон решенија на отворените прашања во интерес на граѓаните на двете земји, соопшти Министерството за надворешни работи.

Оттаму наведуваат дека Министерството е убедено дека целиот регион и двете земји се на вистинскиот пат на добрососедство кое ќе резултира со исполнување на евроатлантските интеграции на Македонија, како и стабилност и економски развој на целиот регион.

Од Министерството потенцираат дека за жал се уште се случуваат инциденти како оној на вчерашните протести во Солун: „предизвикани од поединци и групи кои се уште живеат во минатото и во политиките на конфронтација и национална изолираност, чии активности ги осудуваме како политики на омраза и нетрпение“, се вели во соопштението на МНР.

Вчерашниот собир во Солун за „одбрана на името Македонија“ го коментираа и двете грчки најголеми партии СИРИЗА и Нова Демократија.

Од Нова Демократија ја критикуваа Владата дека дејствува тајно и е неспособна да ги одбрани националните интереси, додека од владејачката СИРИЗА велат дека никој не го оспорува правото на граѓаните да учествуваат во протести, но дека протестот доминирале елементи на фанатизам, национализам, нетореланција и забележливо присуство на Златна Зора.

Грчките медиуми наведуваат дека сега сите погледи се насочени кон средбата Ципрас - Заев во Давос на која се очекува да биде разгледан пакетот на Нимиц.