Нема договор за буџетот - Делумно затворање на американските федерални служби

Американските сенатори не се договорија за буџетот

Делумното затворање на американските федерални служби ноќеска стапи на сила, откако сенаторите не успеаја да се договорат за буџетот. Долниот дом го изгласа законот со кој се продолжува буџетското финансирање до 16 февруари, но Сенатот не го потврди и покрај интензивните преговори меѓу републиканците и демократите и интервенцијата на претседателот Доналд Трамп. Ова е прва блокада на владата од октомври 2013 година, кога траеше 16 дена.

Демократите го условуваат гласањето за буџетот со договор за заштита од депортација на 700 илјади млади имигранти кои се доведени во САД како деца и нелегално останале во земјата. Трамп ја прекина програмата од времето на неговиот претходник Барак Обама, која им дава заштита на тие млади имигранти, барајќи наредниот договор за имиграција да предвиди пари за изградба на ѕид на границата со Мексико.

Белата куќа ги обвини демократите дека ги држат Американците како „заложници“. Портпаролката на претседателот Доналд Трамп, Сара Сандерс, изјави дека демократите во Сенатот ја „ставиле политиката пред националната безбедност“.

„Нема да преговараме за статусот на нелегалните имигранти додека демократите, со своите неодговорни барања, ги држат граѓаните кои го почитуваат законот како заложници со своите неодговорни барања“, рече таа.