Западен Балкан приоритет на бугарското претседавање

Архива: Премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов по потпишувањето на договорот за добрососедство.

Западен Балкан, сигурна и стабилна Европа и дигиталните вештини се меѓу приоритетите на бугарското претседавање со Советот на ЕУ, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов во денешното излагање пред европскиот Парламент во Стразбур.

Тој истакна оти Бугарија и Македонија дале исклучителен пример дека со тактичност и добронамерност државите од Балканот можат да ги решаваат проблемите и дека се надева на завршување на процесот меѓу Скопје и Атина околу името, кој како што рече, на државата ќе и даде перспектива за ЕУ и НАТО.

„Што ќе се случи доколку не ја понудиме таа европска перспектива, бидејќи имаме ретка шанса, без никаков ризик, да го подготвиме Западен Балкан за туризам и инвестиции. Ако не го сториме тоа, со оглед што интересот на Русија, Турција, Кина и Саудиска Арабија за Балканот е голем, некој друг ќе го направи тоа. Сега е моментот да им дадеме перспектива“, истакна Борисов во Стразбур.